Асани: Изградбата на железницата на Коридорот 8 е значајна за македонската економија

При денешниот увид во градежните активности за реконструкција на железничката делница Куманово-Бељаковце, директорот  на Македонски железници-Инфраструктура Ирфан Асани истакна дека за непречено одвивање на сообраќајот на овој железнички премин каде што се вкрстуваат Коридорите 8 и 10, во тек е изградба на мост кој ќе продолжува со осум надвозници и шест подвозници.

Според Асани изградбата на железницата на Коридорот 8 е значајна за македонската економија и транспортот на луѓе и стока.

„Вреди да се напомене дека изградбата на Коридор 8 за Македонски железници и за државата би значело максимално движење на 32 пара патнички и товарни возови. Пресметано кај товарните би значело 750 до 1.000 тони за пар возови. Тоа би бил голем инпут за македонската економија, исто така и голем инпут за сите индустриски капацитети кои се поврзани со производство или со транспорт на стока, но исто и за луѓето. Знаете дека во Европа патувањето со воз е сигурно и исто така е пријатно, рече Асани. Имаме еден дел каде што заради други административни работи не е завршена експропријацијата, каде што согласно тие правила не може да се почне да се работи додека не се решат тие работи”, рече Асани.

Реконструкцијата на делницата, во должина од 30,8 километри, прва од трите за железничко поврзување на Македонија со Бугарија, почна во март годинава.  Асани,истакна дека  градењето се одвива според планот, но треба да се земат предвид и активностите како што е експропријацијата на земјиштето, плановите за заштита на животната средина, на водите, на движењето на луѓето, кружните појаси. Градежните активности е предвидено да завршат во септември 2017 година.

„Имаме и една работа која се појавува последно, а тоа е заради лошата ревизија направена врз проектот од страна на Градежен факултет кај што многу работи се поминати без да се видат темелно и една пракса се појавуваат промени кои бараат друго решение од време не време и сите тие работи одземаат време на повторен дизајн, повторни решенија, повторни мерења на тие статики, пропустливоста на трасата и многу други елементи кои ги решаваме во тек, но нормално дека создаваат некој импакт во капацитетот на работите”, рече Асани.

Според проектот за изградба на желеничкиот Коридор 8, делницата Куманово-Бељаковце ќе биде завршена до 2017 година. Целиот проект е финансиран од Европска банка за обнова иразвој, а првите возови по Коридорот се очекува да сообраќаат во 2022 година.