Асанж излегува од Амбасадата: ОН донесе одлука за негово ослободување

Обединети нации донесоа одлука за ослободување на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, пренесува BBC.

Во 2014 година тој поднесе жалба против Велика Британија и Шведска и рече дека „неосновано е задржан” во Амбасадата на Еквадор во Лондон бидејќи доколку излезе ќе биде уапсен. Работното тело на Обединети нации кое ја разгледуваше оваа жалба на Асанж, донесе одлука во корист на Асанж.

Инаку, Асанж претходно рече дека доколку ОН донесе одлука против него, тој ќе дозволи полицијата во Велика Британија да го уапси. 44 годишниот основач на Викиликс најави дека утре ќе излезе од Амбасадата.

Доколку ОН донесе одлука дека јас губам во случајот против Велика Британија и Шведска, јас ќе излезам од Амбасадата на пладне во петок и ќе прифатам да бидам уапсен од полицијата во Британија оти ќе нема смисла таквата одлука да ја обжалам, рече Асанж.

Сепак тој додаде дека очекува неговиот пасош да му биде вратен и обидите за негово апсење во иднина да бидат блокирани доколку ОН донесе одлука во негова корист.

Асанж своето прибежиште во Амбасадата на Еквадор во Лондон го најде во 2012 година. Оттогаш, ниту еднаш не излегол од Амбасадата.