Асанж мора да бира помеѓу слободата и здравјето

Асанж мора да бира помеѓу слободата и здравјето, ако воопшто може да се нарече „слобода“ неговиот тригодишен престој во амбасадата на Еквадор. На основачот на Викиликс, Џулијан Асанж не му беше дозволен „безбеден премин“ за да оди на медицински испитувања.

Со тврдењето дека Господинот Асанж мора да се откаже од барањето азил за да добие медицински третман, Владата во Обединетото Кралство го приморува да бира помеѓу неговото човеково право на азил и човековото право на медицинска грижа. Никој никогаш не треба да се соочи со тоа да прави таков избор. Шведска и Обединетото Кралство се одговорни за да обезбедат почитување на основните права на Асанж. Тие треба да дадат согласност без понатамошно одложување, Асанж да добие безбеден премин до болница врз хуманитарни основи, вели адвокатот Кори Шенкмен, пренесува британски „Телеграф“.

Владата на Еквадор поднесе барање во име на Асанж кој бара да му се направи магнетна резонанца на рамото. Но, доколку ја напушти амбасадата, каде престојува веќе три години, Асанж се соочува со можноста да биде уапсен.

Еквадор, земјата што му гарантираше политички азил на Асанж, изјави дека безбедниот ремин бил побаран само на неколку часа, за да му се дозволи да ги направи медицинските тестови.

На прес конференцијата, министерот за надворешни работи на Еквадор Рикардо Патино прочита писмо од докторот на Асанж, кој правел медицински испитувања во август.

Во писмото се вели дека Асанж постојано чувствува силна болка, која се влошува постојано, а за прв пат се појавила во јуни годинава. Според докторот на Асанж мора итно да му се направи магнетна резонанца, што мора да се направи во болница.

Тој страда од константна болка во пределот на десното рамо во последните три месеци (од јуни 2015). Немам податоци за акутни повреди во тој дел од телото. Направив преглед и сите движења на неговото рамо се ограничени поради болката. Не сум во можност да ја утврдам причината за овие симптоми без да бидат направени понатамошни тестови за дијагностицирање, како и магнетна резонанца, се вели во писмото.

На 30-ти септември Еквадор упати писмо до Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство и побара на Асанж да му се дозволи да оди во болница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.