Асанж и нуди помош на Германија за американското прислушување

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж им нуди помош на германските власти во истрагата за наводното шпионирање на канцеларката Ангела Меркел, министри и други високи функционери од страна на американската Агенција за национална безбедност (НСА), јави дописникот на МИА од Берлин.

Германските медиуми пренесуваат дека Асанж, кој последните три години живее во Амбасадата на Еквадор во Лондон поради опасност да биде екстрадиран на Шведска каде е обвинет за наводно силување, е подготвен да се сретне со членовите на гермаснкиот парламент кои што го истражуваат случајот.

– Доколку пратениците имаат потреба од сведок јас би бил среќен да ги примам овде и да одговорам на нивните прашања, изјавил Асанж во интерју за „Шпигел“.

Според тајните документи што ги објави Викиликс пред дваесетина дена, НСА со децении прислушувала 56 телефонски броеви на институции и високи германски претставници уште од времето на премиерите Хелмут Кол и Герхард Шредер се до ерата на Меркел.

Асанж тврди дека има документи што потврдуваат дека НСА ги прислушувала канцеларката Меркел и министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер.