Асанж: „Исламска држава“ е продукт на авантуризмот на Западот

Радикалната терористичка група „Исламска држава“ е резултат на авантуризмот на Западот на Блискиот исток, изјави основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, во интервју за аргентинскиот весник „Пахина 12“, пренесува Нетпрес.

Според неговите зборови, авантуристичките дејствија на САД и на нивните западни сојузници, веќе довеле до уривање на државноста во Либија и во поголемиот дел на Сирија.

– Сега авантуризмот на Западот го разурнува Ирак со цел за лесен пристап до нафтата, но и поради други геополитички причини. Многумина знаат дека во Сирија се доставува оружје и дека се прават обиди за намалување на иранското влијание во поствоен Ирак, преку помагање на сунитите. Но, многумина незнаат дека во овој период Саудиска Арабија, Катар и Турција успеаа значително да си го зголемат своето влијание, ја зголемија својата власт и независност од САД. Затоа Америка веќе не е единствениот геополитички играч на Блискиот исток, смета Асанж.

САД извршија притисок врз Германија за да не му се обезбеди прибежиште таму на поранешниот припадник на американските безбедносни служби, Едвард Сноуден, дополнува првиот човек на „Викиликс“ во интервјуто.

Според него, припадници на Агенцијата за национална безбедност (НСА) на САД испратиле јасен сигнал до своите гремански колеги, дека ако не спречат Сноуден да добие прибежиште, тогаш американските агенти ќе престанат да споделуваат со нив разузнувачки податоци и информации за евентуални терористички закани за Германија. Асанж дополнува дека тоа значи дека НСА била целосно подготвена да допушти терористички акции во Берлин, се разбира ако германските власти му овозможат прибежиште на Асанж.

Тој дополнил дека сепак јавното мислење и печатот во Германија го поддржале ставот дека Сноуден треба да добие азил од Берлин.

Сноуден, кој објавува информации за глобалната програма на НСА за електронско следење, доби привремен азил во Русија во 2013 година. Во неговата родна земја, пак, против него беа покренати обвиненија за откривање во јавност на тајни информации му се закануваат со долгогодишен затвор. Претставници на американските власти објавија дека сметаат дека Сноуден е предавник и дека немаат намера да му простат, бидејќи тој и нанел сериозни штети на националната безбедност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.