Асанж најверојатно ќе и се предаде на полицијата

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж најверојатно ќе ја напушти Амбасадата на Еквадор во Лондон и ќе и се предаде на полицијата.

Четириесет и тригодишниот Асанж има бројни здравствени проблеми бидејќи две години не излегол на сонце.

Покрај недостигот на витамин Д, тој почна да се жали и на болки во градите, а повремено има и срцева аритмија и многу висок крвен притисок. Асанж додека беше во затворот Вандсворд секој ден имаше еден час шетање на свеж воздух, а сега е затворен во четири ѕида.

– Неговата светла кожа стана провидна, а поради сувиот воздух страда од хронична кашлица. Темните кругови под очите покажуваат дека не спие добро, изјави новинарката Сара Оливер, која го посети Асанж.

Основачот на Викиликс е соочен со апсење по обвиненија за силувања и сексуално вознемирување во Шведска, каде властите во јули потврдија дека останува во сила налогот за негово апсење. Во САД Асанж е обвинет за објавување доверливи документи за американската политика и дипломатија.