Асанж прифаќа испрашување но под одредени услови

Основачот на веб страната Викиликс Џулијан Асанж ќе прифати да го испрашаат шведските обвинители, но само ако му биде дозволен пристап до документите од истрагата, соопштиле неговите адвокати.

– Ќе треба да ни се обезбеди пристап до целокупната процедура, која 4 и пол години беше во рацете на шведското обвинителство, но не и во рацете на одбраната, изјавил Балтазар Гарсон, поранешен шпански судија и адвокат на Асанж.

Асанж пред десетина дена ја прифати понудата на шведските обвинители да го испрашаат во амбасадата на Еквадор во Лондон поради обвиненијата за силување.

Гарсон на маргината на конференцијата во Женева, изјавил дека тимот на одбраната допрва треба да одговори на барањето на шведските власти да го испрашаат Асанж во амбасадата на Еквадор, дека тој сигурно ќе прифати испрашување, но под одредени услови.

Гарсон истакнал дека пристапот на одбраната до документите од истрагата претставува „едноставно минимум право на секој кој е подвргнат на судски процес“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.