Асанж прифати шведските обвинители да го испрашаат во Лондон

Основачот на веб страната „Викиликс“ Џулијан Асанж ја прифати понудата на шведските обвинители да го испрашаат во Лондон поради обвинение за силување, изјави денес неговиот адвокат, пренесува Танјуг, повикувајќи се на АФП.

-Ние соработуваме со истрагата. Тој ќе го прифати барањето, изјави Пер Семуелсон, додавајќи дека неговиот клиент го поздравил овој потег на шведските обвинители.

Шведските обвинители побарале дозвола од Асанж да го испрашаат и да направат ДНК анализа во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде тој во моментов престојува.

Шведскиот адвокат на Асанж изјавил дека го поздравува ова барање, како и дека целиот тој процес би можел да потрае.

Основачот на Викиликс се наоѓа во амбасадата на Еквадор од јуни 2012 година, каде се смести за да ја избегне екстрадицијата во Шведска поради обвинувањата за сексуален напад и силување.

Тој вели дека се плаши дека Шведска понатаму би можела да го предаде на властите во САД, каде ќе му се суди за издавање на голем број доверливи информации во историјата на Америка.

Асанж вели дека повеќе не верува во позитивниот исход во неговиот случај и стравува дека САД нема да го остават на мира, поради тоа што го направил.