Асоцијацијата на архитекти бара поддршка за референдумот за ГТЦ

Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), која е иницијатор за организирање референдум за задржување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар – Скопје е задоволна што општина Центар го прифаќа барањето.

„ААМ како единствено професионално здружение на архитектите во РМ има должност и обврска да работи во интерес на негување и развивање на архитектурата и урбанизмот во согласност со архитектонската наука и етика и зачувување на Македонското градителско наследство, во кое несомнено спаѓа и ГТЦ како еден од најмаркантните објекти од нашата понова градителска историја. Во таа насока ААМ во изминативе неколку години има преземено голем број активности во форма на апели до сите надлежни институции, како и активности за мобилизација на стручната и пошироката јавност во форма на дебати, собирање потписи за поддршка и јавни протестни собири. Од таму, прифаќањето на нашата иницијативата за овој прв референдум во општина Центар е значаен исчекор во правец на нашите заложби“, велат од оваа Асоцијација.

Од ААМ апелираат советниците на општина Центар да ја поддржат иницијативата за референдум со што директно би им овозможиле на граѓаните да го реализираат своето уставно загарантирано право.