Атака бара референдум за ченството на Бугарија во ЕУ и НАТО

Крајно време е да го прашаме народот за членството на Бугарија во ЕУ и НАТО, изјави денеска лидерот на бугарската националистичка партија Атака, Волен Сидеров, пишува МИА.

Како што јави БТА, Сидеров ваква изјава ја дал пред пратениците на бугарското Народно собрание, претставувајќи ја декларацијата на неговата партија во врска со одлуката на Русија да се откаже од изграбата на гасоводот „Јужен поток“.

Според Сидеров, откажувањето на проектот претставува „удар врз достоинството и националниот интерес на Бугарија“, бидејќи со тоа земјата е лишена од гарантирани годишни приходи, нови работни места и можноста да стане европски енергетски центар.

Сидеров смета дека руската одлука е последица на неконзистентните и некоректни политики на последните бугарски влади, нагласуваjќи дека тие биле под притисок од Западот.

– Денес Вашингтон води економска војна против Русија, која вклучува економски мерки и воени провокации. Како и во 80-те години САД ги кршат пазарните принципи во кои се колнат, намалувајќи ја цената на нафтата за да удрат по Русија – истакна Сидеров.

Според него, едно од оружјата на таа војна била и „забаранта за Бугарија“ да го гради „Јужен поток“.

– Настаните покажуваат дека нашето послушно учество во НАТО и ЕУ ни носи само штети – потенцира Сидеров, апелирајќи до пратениците да „соберат сила да ги заштитат интересите на земјата“ со тоа што ќе распишат референдум за понатамошното членство на Бугарија во Унијата и Алијансата.