Атентаторот од Манчестер поврзан со Ал Каеда, патувал во Либија

Осомничениот за терористичкиот напад од понеделникот ноќта во Манчестер, 22-годишниот Салман Абеди одржувал врски со терористичката организација Ал Каеда и бил обучуван во странство, пренесува телевизиската мрежа NBC News повикувајќи се на неименуван претставник на американското разузнавање запознаен со текот на истрагата.

Според соговорникот на телевизијата, идентитетот на Салбан Абеди бил утврден според кредитната картичка пронајдена на местото на експлозијата, а бил потврден со технологијата за препознавање на лицето.

Американскиот разузнавач додава дека минатата година Абеди патувал во Либија, како и во други земји. Покрај тоа, тој имал „јасни врски со Ал Каеда“, младиот маж можел да одржува контакти со различни групи.

Претходно весникот Times, повикувајќи се на пријател на осомничениот, исто така, пишуваше дека Абеди пред само неколку дена се вратил од Либија, каде што може да минал обука во камп на милитантите. Според весникот, британската полиција и разузнавањето во моментов ги проверуваат овие податоци.

Изворот на NBC News истакнува дека бомбата којашто експлодирала била „голема и сложена“, и за нејзиното изработување биле потребни материјали кои тешко се достапни во Британија. Тоа може да укажува на податокот дека Абеди имал помош од други лица.

Според соговорникот, истрагата стравува дека осомничениот може да бил член на терористичка ќелија, чијашто бројност и приврзаност не е позната. Припадникот на американското разузнавање, исто така, не ја исклучува можноста од „последователни“ напади.

Телевизијата наведува дека роднини на Абеди претходно веќе ги информирале британските власти за заканата којашто произлегува од неговите активности.

Терористичкиот напад се случи во „Манчестер Арена“ со капацитет од 21.000 посетители, непосредно по завршувањето на концертот на американската пејачка Аријана Гранде. Според последните податоци, загинале 22 лица, претежно млади, а околу 120 се повредени. Покрај тоа шест тинејџери и осумгодишно девојче се водат како исчезнати.

Одговорноста за нападот ја презема ултрарадикалната џихадистичка организација Исламска држава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.