Атина го продолжува дијалотог со кредиторите

Денеска попладне треба да продолжат преговорите меѓу економските тимови на Грција и на кредиторите, во сенка на тајните документи кои ги објави Викиликс, јави дописникот на МИА од Атина.

Разговорите ќе се фокусираат на даночните прашања, пензиските реформи, дерегулација и дополнителни мерки за оданочување на 1,8 милијарди евра, со цел завршување на ревизијата на програмата.

Грција изминатиов викенд побара објаснување од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за наводите на Викиликс дека ММФ барал кризен „настан“ за да ја натера задолжената Атина на завршни разговори за реформите.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас најави дека ќе упати писмо до шефицата на ММФ, Кристин Лагард и ќе ги информира европските лидери откако Виклиликс на својот сајт објави транскрипт од телеконференција на која функционери на Фондот се жалат дека Атина презема одлучни чекори само кога ќе и се закани банкрот.

Поради тоа бил неопходен „настан“ со цел да се иницира закана од банкрот и да се натераат Грците да дејствуваат, велат функционерите во документот со датум од 19 март. Во разговорот учествувале Пол Томсен, шеф на оделението на ММФ за Европа и Делије Велкулеску, шефица на мисијата на ММФ во Грција.

Лагард му одговори на писмото на Ципрас, наведувајќи дека нејзините позиции не се промениле и го повика да „обезбеди средина која ја почитува приватноста на внатрешните дискусии“ на тимот на Фондот кој доаѓа во Атина за да разговара за заемот.

Осврнувајќи се на загриженоста на премиерот за објавата на Викиликс, таа, пак, изрази загриженост „за тоа дали Грција и ММФ навистина можат да постигнат напредок во клима на екстремна чувствителност на изјавите на двете страни“.

Лагард ја повтори нејзината целосна поддршка на тимот на ММФ и рече дека „за да бидат во можност да ја завршат својата работа, за што беа поканети од грчка страна, од клучно значење е грчките власти да обезбедат амбиент, кој ја почитува приватноста на интерните дискусии и да ги преземат сите неопходни чекори за да се гарантира нивната лична безбедност“.

Лагард заврши со зборовите дека „ММФ води преговори со добра волја, а не по пат на закани, и не комуницира преку издавање“, наведувајќи дека и нејзиното писмо го објавува на страницата на Фондот „за уште повеќе да се подобри транспарентноста на дијалогот“.