Македонија

Атина и Скопје официјално не добиле никаков нов предлог

Атина и Скопје официјално не добиле никаков нов предлог

Атина и Скопје официјално не добиле нов предлог за името од медијаторот Метју Нимиц, ниту пак грчкиот преговарач Василакис е информиран за нова рунда разговори, пишува „Катимерини“.

– Во септември во Њујорк, за време на Генералното собрание на ОН, генералниот секретар Бан Ки-мун ја  информирал грчката делегација дека ќе има нов предлог од Нимиц. Дипломатски извори го посочија крајот на октомври како краен рок до кој Нимиц ќе ги повика преговарачите на Атина и Скопје во Њујорк, за да дискутираат“, пишува провладиниот грчки весник и додава дека и Венизелос во Њујорк ја потврдил информацијата за октомври.

Грчките медиуми ја пренесуваат информацијата на „Слободен печат“ дека Нимиц има нов предлог според кој името на нашата земја би било „Република Горна Македонија“, јазикот македонски, а народот „граѓани на Горна Македонија“. Информацијата и не е некаква новост, со оглед на тоа што грчкиот весник „Елефтеротипија“ пред неколку дена исто така пишуваше дека медијаторот има нов предлог за Атина и Скопје.

Како што јави дописникот на МИА, во овој контекст, во Грција се потсетува на последниот официјален, бескомпромисен став на Атина за сложено име со географска одредница пред зборот „Македонија“, а не пред зборот „Република“, за секаква употреба (erga omnes), за сите намени, домашни и меѓународни.

Официјална Атина не отстапува од тврдењата дека веќе направила важни чекори кон заемно прифатливо сложено име. Во блиска иднина во Грција не се очекува промена на ставот. Тој е зацементиран на позицијата дека Атина направила се што е во нејзина моќ и оти сега се очекува „одговорен однос, но и одговор од другата страна“.