Атина ќе започне постепено повлекување на бегалците од Идомени

People wait in a queue to be allowed to pass from the northern Greek village of Idomeni to southern Macedonia, Monday, Nov. 9, 2015. Well over half a million migrants have arrived in Greece from Turkey and the vast majority don't want to stay so head north through the Balkans to other, more prosperous European Union countries. (AP Photo/Giannis Papanikos)

Грчката Влада ќе започне постепено повлекување на бегалците од границата со Македонија, објави грчкиот весник „Етнос“, додавајчи дека Кабинетот на премиерот Алексис Ципрас веќе изработил акциски план и планира да почне со негово спроведување.

Целта е имигрантите што побрзо да бидат сместени во прифатните центри и да не се користи насилство во текот на процесот.

Според последните информации, бројот на имигранти во Идомени во моментов изнесува 14 илјади.

По повод масовното навлегување на бегалците во Македонија од кампот во Идомени, Ципрас изјави дека Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) и невладините организации треба „да го контролираат ширењето на лажните информации меѓу имигрантите“.

Ципрас им порача на бегалците во Идомени да се откажат од обидите да останат во регионот, бидејќи балканската рута нема да биде повторно отворена.

Состојбата во Идомени, весникот „Прото тема“ ја споредува со ситуацијата во пристаништето Пиреја, каде секој ден пристигнуваат се повеќе бегалци од островите. Во моментов нивниот број е 3.400, а се очекува да пристигнат уште.

Грчкиот весник наведува и дека холивудската актерка Анџелина Џоли ја откажала за денеска најавената посета на островот Лезбос, каде требаше да допатува во својство на амбасадор на добра волја на ОН.

Таа требаше да посети два бегалски кампови на островот, кој е најмногу погоден од бранот на имигранти кои доаѓаат од Турција.

Според непотврдени информации, денеска попладне Џоли ќе го посети кампот Идомени, откако ќе пристигне во Солун.