Балкан

Атина не дава информации дали со Столтенберг е разговарано за името

Атина не дава информации дали со Столтенберг е разговарано за името

Грчките медиуми денеска не пишуваат за тоа дали Македонија била тема на разговорите на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со државниот врв на Атина, пренесува МИА.

Само провладиниот „Катимерини“ ја наведува изјавата на грчкиот премиер Андонис Самарас кој ја опиша како „безвременска, стратешката цел на Грција за евроатлантската интеграција на Западен Балкан“.

– Јавно не беше спомната Македонија, но грчката позиција (и на НАТО) останува дека треба да има заемно прифатливо решение за името, пишува „Катимерини“.

Очигледно е дека официјална Атина не планира никакво поместување на нејзините црвени линии во врска со блокадите кои ги постави на патот на евроатлантските интеграции на Македонија.

За Грција останува неприфатливо и Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, а во меѓувреме да се води и процесот за решавање на прашањето за името во рамките на ОН, иако тоа од официјална Атина веќе го побараа неколку нејзини партнери во ЕУ, меѓу кои и Белгија.