Атина се уште без договор со кредиторите

Грција не успеа да постигне првичен договор со Европската унија и ММФ за да ја одблокира финансиската помош, откако кредиторите го отфрлија пакетот реформи од Атина нарекувајќи го „идеи“ наместо конкретен план.

Отсуството на договор дополнително го зголемува притисокот врз Атина, која се соочува со можноста да остане без пари за неколку недели, освен ако не успее ги убеди кредиторите да и дадат уште една транша од финансиската помош, пренесува МИА.

Грчките медиуми коментираат дека Атина „остана храбра“ по неуспехот да се постигне договор со „Бриселската група“ која ја сочинуваат претставници од ЕУ и ММФ, велејќи дека останува подготвена за договор, врз основа на нејзиното цврсто барање – спроведувањето на мерките кои се бараат од неа да не му штетат на економскиот раст. Последна информација е дека заемодавците ќе ги интензивираат напорите за собирање податоци во Атина.

Извор близок до преговорите, изјави дека застојот во преговорите „не е знак за прекин, туку индикација за бавен напредок во разговорите“. Претставниците на Еврозоната го отфрлија списокот со реформи како „несоодветен“. Еден официјален претставник на ЕУ изјави дека заемодавците треба допрва да ја добијат листата што ја чекаат.

За денеска е закажан конференциски телефонски разговор на замениците министри за финансии на Евро работната група на еврозоната на кој ќе се направи преглед на досегашниот развој на настаните.

– Очигледно е дека со нетрпение очекуваме да го добиеме списокот што е можно побрзо. Тоа е целта на тековните разговори: да се разменуваат информации за детални реформски мерки и намери, изјавил висок претставник на Унијата.

Алексис Ципрас истакна дека неговата Влада има „црвени линии“ за кои не може да преговара како што се понатамошно кратење на платите и пензиите и масовни отпуштања од работа, и приватизацијата да се замени со концесии, со што државата ќе ја задржи контролата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.