Атлетико ги продаде Караско и Гаитан во Кина

Во моментов второпласираниот тим во шпанското фудбалско првенство Атлетико Мадрид објави во понеделникот дека ги продал белгискиот напаѓач Јаник Караско и аргентинскиот играч од средниот ред Николас Гаитано во кинескиот клуб Даилан Јифанг.

Раководството на Атлетико не ги објави финансиските поединости од трансферот, меѓутоа шпанските медиуми наведуваат дека за 24-годишниот Караско „јорганџиите“ добиле 30 милиони евра, додека за 30-годишниот Гаитан им се исплатени 18 милиони евра, со тоа што 25 отсто од трансферот на Караско ќе одат во касата на француски Монако, неговиот претходен клуб.

Атлетико беше принуден да ги продаде овие двајца играчи за да ги покрие дупките во буџетот кој е оптоварен поради градењето на новиот стадион, а притоа доби неочекуван силен удар поради раното испаѓање од Лигата на шампионите во која оваа сезона не беше изборено осминафиналето.