Атлетико и Марсеј во финалето на Европската лига

Во финалето на второто според рангот континентално фудбалско натпреварување Европската лига кое ќе се игра на 16-ти мај во Лион, ќе се соочат Атлетико Мадрид и Олимпик Марсеј кои по полуфиналните реванш дуел во четвртокот вечерта ги елиминираа Арсенал односно Салцбург.

Атлетико во возвратниот дуел на својот тревник минимално го совлада Арсенал со 1:0, но тоа му беше доволно бидејќи првото соочување во Лондон заврши без победник 1:1, додека Марсеј се избори за финалето откако беше поразен по продолженијата од РБ Салцбург со 1:2, откако во првиот меч славеше со 2:0. Австрискиот тим во регуларните 90 минути го израмни резултатот од првиот натпревар, но гостите во продолжението постигнаа погодок кој ги носи во Лион.

Единствениот гол во средбата која се одигра на мадридскиот стадион „Ванда Метрополитано“ го постигна Диего Коста во последните моменти од првото полувреме по одличната асистенција на Антоан Гризман. Во продолжението Атлетико можеше да дојде и до втор погодок, додека фудбалерите на Арсенал во текот на целиот натпревар упатија само еден директен удар кон голот на противникот.

Ова беше 12-та последователен домашен меч на Атлетико Мадрид во сите натпреварувања во кој не прими гол. Средбата ја одбележа и тешката повреда на гостинскиот бек Французинот Лорен Кошчиелни кој ја повреди Ахиловата тетива поради што ќе мора да паузира неколку месеци, што значи дека ќе ги пропушти Светското првенство во Русија кое започнува на 10-ти јуни.

За францускиот стручњак Арсен Венгер, кој на крајот од сезонава по цели 22 години се збогува со клупата на Арсенал, ова беше 250-ти меч во кој ги предводеше лондонските „Топчии“ во некои европски клупско натпреварување.

Многу понеизвесно околу конечниот исход беше на вториот меч. Австрискиот претставник го анулираше заостанувањето од првиот дуел во Марсеј, но не успеа да издржи до крајот. РБ Салцбург дојде во водство во 53 минута со голот на Амаду Хајдар, а веќе во 65 минута Боуна Сар ја сврти топката во сопствената мрежа по шутот на Ксавиер Шлагер. Во 71 минута Салцбург имаше одлична шанса за 3:0, но ударот на Хи-Чан Хванг бравурозно го одбрани Јохан Пеле. Домашните можеа да дојдат до третиот гол и во 99 минута, кога Дуе Чалета шутираше со глава по изведениот корнер, но Пеле уште една одлично интервенираше. И кога се чинеше дека вториот финалист ќе го даде пенал рулетот, Марсеј во 116 минута постигна погодок. Паје нафрли од корнер а Роландо ги постигна, како што се покажа на крајот, конечните 2:1. Две минути подоцна Салцбург остана со игра помалку откако беше исклучен Хајдар.

Со овој резултат Салцбург ја продолжи серијата без домашен пораз на 39 натпревари.

За мадридските „Јорганџии“ ова ќе биде третото финале во Европската лига, а во претходните две беа победници. Во 2012 година Атлетико во Букурешт го совлада со 3:0 Атлетик Билбао, а претходно во 2010 година во Хамбург по продолженијата со 2:1 беше подобар од англиски Фулам.

Олимпик Марсеј, пак, двапати има играно во финалните мечеви на тогашниот Куп УЕФА и двата пати беше поразен. Во 1999 година од италијанска Парма со 0:3, а во 2004 година од шпанска Валенсија со 0:2.