Атлетико не направи „чудо“, Реал во финалето на ЛШ

Фудбалерите на Реал Мадрид изборија пласман во финалето на Лигата на шампионите откако во реванш дуелот од полуфиналето на „Винсенте Калдерон“ загубија од Алтетико Мадрид со 1:2, што не беше доволно да се анулира нивната предност од 3:0 од првиот натпревар.

Головите за Атлетико ги постигнаа Саул Нигуез во 12 и Антоан Гризман во 16 минута од пенал, но и покрај раното водство на домаќините, пред крајот на полувремето Реал успеа да намали преку Иско, во 42 минута.

„Кралскиот клуб“ во финалето ќе игра против Јувентус кој со две победи, од 2:0 и 2:1, беше подобар во полуфиналниот двобој со Монако. Финалето ќе се игра на 3 јуни во Кардиф.

Двата мадридски клуба четврта година со ред играа меѓусебно во елиминациската фаза од Логата на Шампионите, и секогаш досега Реал славеше. „Кралевите“ минатата, како и во 2014 година, беа подобри во финалето, во 2014 година го совладаа Атлетико во четвртфиналето, а годинава во полуфиналето.

Атлетико го започна мечот како што можеше да посакува и веќе по 16 минути водеше с0 2:0. Домаќините поведоа во 12 минута преку Саул Нигуез по додавањето на Коке од корнер, а четири минути подоцна Антоан Гризман го реализираше пеналот, со што Атлетико се приближи само на гол од анулирањето на предноста на Реал од првиот меч.

Како што тешеше натаму натпреварот се доби впечаток дека Атлетико може уште во првото полувреме да го надомести заостанувањето. Меѓутоа, „ладењето“ за домашните стаса во 42 минута кога Иско намали на 2:1. Карим Бензема се проби на крилото против тројца противнички играчи, испрати повратна топка за Крос кој шутираше, Облак одлично одбрани, но Иско беше најснаодлив и одбиената топка ја спроведе во мрежата.

Во тој момент на Атлетико му беа потребни уште три гола без да прими ниеден, и се чини уште на полувремето беше јасно дека станува збор за невозможна мисија.