Атман и Циндриќ заглавени со Металург во правни лавиринти – ќе пресече ли ЕХФ?

Судбината на ракометарите Лука Циндриќ и на Павел Атман во однос на нивниот спор со скопскиот клуб Металург, најверојатно ќе ја решава Европската куќа на ракометот (ЕХФ).

Двајцата бараат исписница од Металург, но управата на клубот тоа не го дозволува бидејќи им се исплатени сите пари.

Правилото на ЕХФ дека секој играч на кој нема да му бидат подмирени платите во траење од два последователни месеци, има право да го напушти клубот, досега од Металург го искористија Станиќ, Коциќ, Липовина, Борозан, Марсениќ – сите го напуштија клубот поради неисплатени обврски. Се очекуваше веднаш по нив да си заминат и Павел Атман и Лука Циндриќ, но тоа не се случи.

И двајцата играчи, токму според истото правило побараа да добијат исписница за да можат да направат трансфер во друг клуб.

Атман веќе имаше и преддоговор со унгарски Веспрем, па за комплетирање на трансферот недостасуваше само уште официјалното раскинување на договорот со Металург. Сепак, управата на клубот,одбиваше да им даде исписница.

atman

Додека чекаше разврска на ситуацијата, Атман се врати кај своето семејство во Русија, а оттаму се огласи со соопштение во кое нагласи дека бил приморан на вакви чекори.

Драги пријатели, соработници и навивачи.

„Сакам да ви изразам огромна благодарност за вашата неизмерна поддршка во изминатиот период додека бев во Металург. Навистина имав прекрасни моменти гледајќи ги прекрасните навивачи како не бодрат во постигнувањето на минатогодишниот успех, кога влеговме во осминафиналето во Лигата на Шампионите и освојувањето на прво место дома со победа над Вардар. И покрај сето тоа верувам дека знаете дека морав да си заминам од Скопје, поради фактот што од управата се уште немам никаква исплата, ниту пак исписница – а, јас како сопруг и татко треба да се грижам за моето семејство. Па, така од минатата сабота веќе сум назад во мојата родна земја. Поздрав до сите вас и секое добро, Македонија ќе остане засекогаш во моите спомени“.

Сепак, по многуте проблеми и целата неизвесност низ која помина, Атман ја доби правната битка со клубот, барем привремено.

Според информациите кои ги добивме од РК Металург, сеуште стојат на ставот дека Атман нема основа во барањето за раскин на договорот, односно дека одлуката донесена на 4 декември, годинава, со која тој поради неисплатени плати, ја доби својата исписница, е неоснована бидејќи клубот ги има подмирено сите долгови кон него. Оттаму за Нетпрес изјавија дека ќе поднесат жалба на оваа одлука, која според адвокатите на Атман, кои го водат овој случај, е веќе завршена работа. Дали Атман конечно ќе заигра за Веспрем, или ќе биде приморан да продолжи со македонскиот ракометен шампион, ќе се дознае во периодот што следува.

cindric

Кај Лука Циндриќ, другиот ракометар кој сеуште чека раскин на договорот со клубот, ситуацијата е покомплицирана. Повторно според информации од клубот, Хрватот никогаш не поднел барање за прекин на соработката со Металург директно во клубот, туку случајот бил предаден до Арбитражната комисија на РФМ. Постапката за неговиот случај се водела токму во ова тело при РФМ, а одлуката која е донесена е во корист на РК Металург. Во неа се наведува дека ракометарот на Металург, Лука Циндриќ поднел неосновано барање за раскин на договорот, во кое тврди дека клубот има неподмирени финансии кон него, односно дека му доцнат со плата повеќе од два месеца. Сепак фактите велат дека сите финансиски обврски кои клубот ги има кон ракометарот се подмирени, што барем засега, го обврзува ракометарот да продолжи со настапи во тимот од Автокоманда.

На оваа инстанца Циндриќ е „поразен“, но според неофицијални информации, неговите адвокати ќе ја продолжат битката пред органите на ЕХФ, па останува да се види дали бекот на Металург ќе успее во својата намера да го напушти клубот.

На страна од правните разврски околу судбината на овие двајца ракометари, најголем губитник од сите овие проблеми е македонскиот ракомет. Реномето кое со години тешко се гради и надоградува, треба да се чува со сите сили, а единствените „војни“ кои треба да се водат се оние на теренот.

Сепак, останува надежта дека и овие последни два случаи ќе се решат во најбрз можен рок, а во интерес и на клупскиот и на репрезентативниот ракомет, со оглед на Светското првенство кое следува, а на кое Македонија ќе се бори за висок пласман и зошто да не, Олимпијадата во Рио Де Жанеиро. Костурот на репрезентацијата го сочинуваат ракометарите на Металург, па од нивната форма во голема мера ќе зависи и конечниот успех на СП.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.