Атомска

Дали кризата во Украина е закана за европскиот мир, па и за војна од пошироки размери? Вклучително, и размена на атомски бомби и ракети.

Ова е тема која неделава зад нас беше актуелна кај речиси сите политички коментатори низ релевантните политички медиуми во Европа и во САД. Па, дали е можна атомска војна како последна фаза на украинската криза?

Украина пред осамостојувањето во 1991 година беше трета атомска сила во светот. Според бројот и силата на атомското вооружување сместено на сегашната украинска територија, беше веднаш зад САД и Русија. Со договорот по осамостојувањето на Украина од 1994 година, потпишан од Русија, САД и Велика Британија, Украина се откажа од атомското вооружување, кое беше дислоцирано во Русија.

Денес Украина не е воена сила. Има околу 130.000 војници, претежно регрути, што е најнизок квалитет на воениот состав. Технички, нивните авиони, тенкови и ракети се најмалку две генерации зад руското вооружување. Најголем дел од армијата, школуван и обучуван од руски инструктори, откажа послушност на превратничката власт во Киев. По ова дистанцирање на армијата од власта во Киев никој со сигурност не може да тврди со што, реално, украинската власт располага кога е воениот потенцијал во прашање.

Освен овие, власта во Киев има проблеми и со немањето јавна поддршка за воена акција против Русите на Крим, како и против автономашите во југоисточна Украина. Според анкети од минатата недела, само 20 проценти од вкупното украинско население дава поддршка на воена акција за спас на Крим и воведување ред во областите на Харков и Доњецк на исток или Одеса на југот на земјата, кои од Киев бараат автономија.

Украинската власт, и армија, се наоѓа во положба која е мошне слична на власта на Анте Марковиќ пред распадот на СДСМ, и ЈНА во тоа време. Армијата се распадна, а оружјето од таа армија стана основна алатка за граѓанската војна потоа.

Кога војната ќе тргне, прва жртва е вистината, изјавил Бизмарк, потоа и Черчил, а по него тоа правило го потврдиле стотици пати сите наредни војни во светот.
Во Киев нема власт избрана на избори. Со тоа, таа нема проверен и видлив авторитет кој може да смета дека одлуките ќе бидат спроведени.

Во суштина, во Киев владеат од Брисел и Вашингтон преку своите фаворити Кличко (Брисел) и сегашниот премиер Арсениј Јацењук (фаворит на САД). Секоја страна си го промовира својот кандидат. Кличко е главен лик во германските медиуми, а Обама реши да го прими Јацењук, да се слика со него и да му даде клучен авторитет за во иднина.

Но, ни Кличко, ни Јацењук не можат да издадат наредби за кои може да се смета дека ќе бидат спроведени. Власта, на улица, ја имаат неонацистите од десниот сектор, односно Свобода, предводени од Димитриј Јаруш, Олег Тјагнибок и Андреј Парубиј.

Дека се неонацисти не е пропаганда на Москва. Тие јавно и отворено даваат изјави дека се следбеници на некогашниот украински неонацист Степан Бандера, се закануваат со етничко чистење на Евреите и Русите од Украина, ја контролираат безбедноста во Киев, Лавов и во други поголеми градови во централна и западна Украина и рекетираат бизнисмени за износи кои досега се проценети на близу една милијарда долари насила изнудени од богатите украински олигарси.
Претседателот на антифашистичкиот комитет на Финска, Јохан Бенам, минатиот петок изјави дека во Киев владее нелегитимна фашистичка хунта и прифати да биде еден од набљудувачите на референдумот во Крим, кој го смета за легитимен.

За потврда на ова стои и фактот дека Андреј Парубиј, основач и лидер на неонацистичката Социјалнационална партија на Украина, е секретар за одбрана и национална безбедност на новата власт во Киев. Се работи за силна и организирана политичка група која преку Свобода има и 36 пратеници во украинскиот Парламент.

Сосема надвор од реалното е да се очекува дека украинската војска, мултиетничка и по руски школи и од руски инструктори поставена и школувана, како и легалната полиција, ќе прифатат да функционираат под водство на овие неонацисти.

Знаејќи го ова, минатата среда киевската Влада и Парламентот, под притисок на неонацистите, донесоа одлука да се формира ново безбедносно тело национална гарда од дури 60.000 припадници. За ваква вооружена формација нема уставна поткрепа.

Сега, кога неонацистите на тројката Димитриј Јаруш, Олег Тјагнибок и Андреј Парубиј ја имаат реалната власт на улица, имаат вооружени формации и право да рекетираат и да ограбуваат без задршка… тешко дека некој може да ги врати назад, во првобитната состојба, кога беа навивачки групи и демонстранти надвор од власта, моќта и привилегиите на воените профитери. Барем ние, од Југославија, го знаеме тоа.

Киев бара од САД и од Велика Британија да ја заштитат оваа власт со тоа што ќе воведат тотални санкции против Москва и ќе влезат во војна против Русија. Ако видат дека Брисел и САД се колебаат, неонацистите ќе предизвикаат вооружени конфликти на источниот и јужниот дел од земјата, сега барем имаат инструменти за тоа, и ќе очекуваат големи жртви, што би било причина за силно антируско расположение во Украина и во Европа и би била легитимна причина Британците и Америка да земат учество во таа украинска војна. Отпрвин со испраќање оружје, медиуми, експерти и паравоени единици како американската агенција Блеквотер (по ново Академи), која делува онаму каде што американската војска има интерес, а не е згодно да се појави лично.

Војниците и генералите имаат своја, поинаква логика и приоритети од политичарите и бизнисмените. Особено поинаква логика од цивилите.

Една недела по смената на власта во Киев и најавата за референдум на Крим, американските генерали го нападнаа Обама за неговата најава дека САД се повлекува од Авганистан и Ирак и има намера да го намали буџетот за американската војска.

Гледате ли дека Америка има голема безбедносна закана од Москва, изјавуваа генералите, и затоа ни требаат повеќе пари и поголеми овластувања. Генералот Демпсеј дури даде изјава дека ако Русија не се повлече од Украина, САД ќе одат до крај и се подготвени да ги употребат сите воени средства кои ги имаат на располагање.

А имаат на располагање прилично многу воени средства. И атомски.
Има многу генерали и газди на воено-индустрискиот сектор во САД кои не би сакале да ја пропуштат оваа прилика и да удрат вооружено по Русија. Прво преку украински и платени војници од увоз, а потоа и со непосредно одмерување. Имаат и доволно пари и моќ да анимираат медиуми, експерти… за своите цели.

Последната анкета на ЈуГов во САД, објавена во петокот, вели дека дури 33 проценти од граѓаните на САД сметаат дека Путин е силен лидер, а само 14 за силен лидер го сметаат Обама. Ова е силна провокација до Обама и предизвик за неговиот авторитет.

Генералите живеат за војна. Големите генерали, од големите сили, живеат за големи војни. А деновиве им се укажува шанса за исполнување на нивната мисија. Дали нивните интереси и приоритети ќе бидат посилни од цивилните и економските?

Пред ваков предизвик во далечната 1961 година се најде најпопуларниот американски претседател, Џон Кенеди. Во февруари 1961 воените советници и генералите на САД го советуваа претседателот Кенеди да преземе воена интервенција на Куба и напад врз тамошните советски сили. Во Москва тогаш владееше Украинецот Хрушчов.

Создадоа медиумска кампања дека војната е неизбежна, од витален интерес за САД и подготвеност да употребат и атомско вооружување ако е потребно за победа.

Кенеди, по една година дипломатска борба со Хрушчов и СССР и ракетната криза во 1962 година, во октомври таа година реши да ги отфрли барањата на своите генерали. Москва ги повлече ракетите од Куба, а САД од Турција. Војна немаше. Директорот на ЦИА, Ален Дуленс, неговиот заменик и неколку генерали мораа да поднесат оставки.

Една година потоа, на 22 ноември 1963 година, претседателот Џон Ф. Кенеди е убиен во атентат во американскиот град Далас. Причините ни денес не се познати.

Неговиот наследник, Линдон Џонсон, имаше сосема поинаков пристап. И даде одврзани раце на армијата на САД, по што се интензивираше виетнамската војна, која траеше со 1974 година. Во Виетнам загинаа над 1,2 милиони Виетнамци и меѓу 80 и 100.000 американски војници за време на десетгодишната виетнамска војна.

Во времето на Кенеди воениот буџет на САД изнесувал помалку од 170 милијарди долари. Со војните во Виетнам тој се качува на повеќе од 200 милијарди годишно. Пред нападот на кулите во Њујорк, 11 септември 2001, буџетот е 305 милијарди, а веќе во 2005 година САД плаќаат за армијата 420 милијарди долари годишно. Денес Вашингтон издвојува над 700 милијарди долари за својата војска и Обама најавува скратување. По Украина, очигледно, нема да има намалување на воениот буџет на САД. Напротив.

Русија за својата војска има буџет од само 80 милијарди долари.
Генералите имаат неповторлива шанса. Ќе им дозволат ли?

Пишува: Драган П. ЛАТАС за Вечер

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.