Аудио материјалите се нелегално стекнати и спротивно на Европските закони за човекови права

Поранешниот премиер Никола Груевски во завшните зборови од предметот „Тенк“ рече дека аудио материјалите, односно телефонските разговори кои СЈО ги користи како докази во постапката се нелегално стекнати.

Секаде во светот па и во Македонија копиите не се доказ. Судот не треба да прифаќа копии од аудио материјали како доказ. Овие аудио материјали се стекнати на нелегален начин спротивно на Европските закони за човекови права. Законот предвидува доказите да се прибавуваат според член 8 инаку би биле нерелевантни и незаконити, рече Груевски.

Тој потенцираше дека приказната на СЈО оти имал корист доколку се возел во „мерцедес Ц 600 Гард“ е смешна и дека во предметот е обвинет за сакање.

Сум сакал да се набави блиндирано возило бидејќи сум сакал да се возам во него. Сум остварил корист оти ме возеле, не во една туку во друга кола, од истата марка. Генерации на наши потомци ќе се чудат за што бил обвинет поранешниот премиер, пред да разберат дека станувало збор за политички прогон. Зарем ако се превезувам во некои други марки возила во кои се превезуваат другите претседатели во светот на пример со „ауди“, „линколн“, „тојота“ итн, не би имал корист,праша Груевски?

Во контекст на цената Груевски рече дека цената на вакви возила не ја подига луксузноста, туку безбедноста односно степенот на заштита на блиндираното возило.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.