Авиокомпаниите задолжително ќе го осигуруваат багажот и пратките

Авионските компании наскоро ќе бидат задолжени да го осигураат багажот на патниците и предметите кои ги пренесуваат. Тоа е предвидено во измените на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, што ги изготви Министерството за финансии (МФ), со кои се утврдуваат права за надомест на штета на сопствениците на багажот и на пратките.

– Законските измени уредуваат и обврска за задолжително осигурување на дел од воздухопловите без екипаж – дронови. Со законот се опфаќаат дронови над пет килограми. На овој начин се заштитуваат граѓаните, доколку се предизвика материјална штета од управување со дронот, велат од МФ.

Со овие измени, потенцираат, се врши усогласување на Законот со европските регулативи од областа на цивилното воздухопловство.

Измените на Законот се ставени на Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија – ЕНЕР, на кој сите засегнати страни можат да оставаат предлози и коментари.

Од Министерството за финансии информираат дека ќе ги земат предвид и внимателно ќе ги разгледаат сите сугестии пред пуштањена измените на Законот во владина процедура.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.