Авиони на НАТО пресретнаа руски борбени летала над Естонија

Ловци на воздухопловните сили на Шпанија пресретнале руски борбени авиони од типовите „МиГ-31“ и „Ан-36“ во близина на границата на Естонија, случајно влетувајќи во воздушниот простор на Финска, изјавил за руската новинска агенција РИА, вршителот на портпарол на Северноатлантскиот сојуз, Дилан Вајт.

Претходно министерството за одбрана на Финска соопшти дека два шпански ловци од типот „F-18 Hornet“, стационирани во базата во Естонија“, во вторникот без најава и одобрение навлегле во воздушниот простор на Финска.

Според портпаролот на НАТО, Дилан Вајт, шпанските авиони во вторникот утрото полетале од естонската воздухопловна база Амари, за да пресретнат „неидентификувани воени воздухопловни летала во близина на естонскиот воздушен простор“. Притоа, во пресретнувањето на авионите кои биле идентификувани како „МиГ-31“ и „Ан-26“ учествувале и фински ловци.

„При предавањето на операцијата за пресретнување од страна на финските ловци, шпанските авиони случајно навлегле во финскиот воздушен простор. Воздухопловната команда на НАТО им го објасни инцидентот на претставниците на финскиот центар за воздушни операции, за да се подобри идната координација“, истакнал портпаролот на Алијансата.

Руското министерство за одбрана, од своја страна, соопшти дека два ловци од типот „МиГ-31“ и воениот транспортер „Ан-26“ извршувале планиран тренажен лет над меѓународно неутралните води на Балтичкото Море.

„Летот на групата руски авиони беше спроведен во строга согласност со меѓународните прописи за користење на воздушниот простор, без нарушување на границите на други држави“, истакнува руското министерство за одбрана во соопштението за јавноста.

Последните години се зачестени пресретнувањата и меѓусебните обвинувања за нарушувања на меѓународните прописи меѓу НАТО и Русија. Овие случаи предизвикуваат дополнителни тензии во крајно напнатите односи односите меѓу Западот и Русија особено во земјите во близина на руските граници.