АВМУ: Медиумите избалансирано да известуваат за изборниот процес

Неколку политички субјекти – учесници во изборниот процес ја информирале Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) дека одредени медиуми не известуваат за нивните активности од изборната кампања.

Како што соопшти АВМУ, медиумите треба да обезбедат избалансирано покривање на изборниот процес согласно принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за пртеници. Овој принцип важи за сите облици на изборно медиумско претставување, освен за платеното политичко рекламирање.

– Потсетуваме дека сите радодифузери што одлучиле да ги покриваат изборите, според Изборниот законик, се должни тоа да го прават на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма. Без оглед на јазикот на кој го емитуваат својот програмски сервис, на учесниците во кампањата треба да им се овозможат подеднакви услови за пристап до сите облици на изборно медиумско претставување и платено политичко рекламирање, наведува Агенцијата.

Воедно апелира медиумите да внимаваат при емитувањето изјави со потпалувачки говор или дури и со елементи на говор на омраза. Ваквите изјави, смета АВМУ, треба да бидат соодветно контекстуализирани, а медиумите да се оградат од нив.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.