сабота, 27 мај 2017  |  Вести денес: 25

АВМУ: Не го кршиме изборниот законик

avmu

Последни вести

Со решенијата што ги понуди во Методологијата за мониторинг Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) не го крши Изборниот законик, напротив се обидува со својот професионален капацитет да обезбеди начин како и покрај законските недостатоци и недоречености да го реализира она што е договорено.

Тоа го наведува АВМУ во одговор на барањето на СДСМ за измена на Методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат во 2016 година, која Советот на Агенцијата ја усвои едногласно во петокот.

АВМУ посочува дека разликата меѓу Методологијата што ја користела при мониторингот на изборното медиумско претставување од 15 април до 14 мај годинава и сегашната Методологија е резултат на искуството од тој период и настојување да се најде решение за проблемите со кои се соочиле тогаш, а кои во меѓувреме останале отворени.

„Кога во јули беа донесени измените на Изборниот законик, остана нерешен проблемот со недостигот од критериум за постигнувања баланс во известувањето во периодот пред почетокот на изборната кампања. При носењето на измените, не се водело сметка дека критериумот од Законикот кој се однесува на пропорционалност во известувањето според бројот на потврдени листи со кандидати за пратеници (член 75-а) – не може да се примени пред да започне изборната кампања зашто потврдувањето на листите се случува дури непосредно пред нејзиниот почеток. – Оттаму поделбата на периодот не е арбитрарна, ами нужна. Имено, во тој миг Агенцијата се најде пред дилема: да посочи дека нема критериум за првите 80 дена и да дозволи извлекувањето оценки за балансот да биде блокирано или да се потпре на сопственото долгогодишно искуство и знаење и да прилагоди европска регулаторна практика на македонската ситуација. Се одлучивме за втората опција“, се вели во соопштението.

АВМУ додава оти тргнале од „Насоките за медиумска анализа во текот на мисиите за набљудување на изборите изработени во 2009 година од страна на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), Директоратот за човекови права и Комисијата за демократија преку правото (Венецијанска комисија) на Советот на Европа и Европската комисија кои, наведува, јасно посочуваат дека во изборни процеси медиумите се соочуваат со следниов проблем: „Претставниците на извршната власт треба да дејствуваат во интерес на целата нација, но, од друга страна, тие редовно претставуваат политичка партија.

„Овој двоен идентитет станува особено проблематичен во период на изборни кампањи во врска со две права:

– Правото на еднакви можности за пристап на кандидатите, право кое треба да биде рамнотежно со слободата и обврската на медиумите да ги покриваат активностите на власта;

-Правото на еднаков третман за кандидатите. Вестите поврзани со власта чии претставници се кандидати може некогаш да бидат врамени во позитивно светло поради видот активности кои се покриваат (на пример, официјални состаноци, меѓународни самити итн.)“, велат од АВМУ.

Ваквиот двоен идентитет на политичарите од парламентарното мнозинство – истовремено да се членови на своите партии, но и да извршуваат функции за што мора да бидат одговорни пред граѓаните, наведува АВМУ, е темелот на барањето на европските регулатори – медиумите да обезбедат плурализам во известувањето не преку еднакво време, туку преку пропорционален сооднос меѓу времето за сите активности на партиите од позицијата плус власта и она за активностите на опозицијата.

Најчитани вести