сабота, 25 март 2017  |  Вести денес: 24

АВМУ до СДСМ: Не го кршиме Изборниот законик со Методологијата за мониторинг

133305675

Последни вести

Со решенијата што ги понуди во Методологијата за мониторинг Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги  (АВМУ) не го крши Изборниот законик, напротив се обидува со својот професионален капацитет да обезбеди начин како и покрај законските недостатоци и недоречености да го реализира она што е договорено.

Тоа го наведува АВМУ во одговор на барањето на СДСМ за измена на Методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат во 2016 година, која Советот на Агенцијата ја усвои едногласно во петокот.

АВМУ посочува дека разликата меѓу Методологијата што ја користела при мониторингот на изборното медиумско претставување од 15 април до 14 мај годинава и сегашната Методологија е резултат на искуството од тој период и настојување да се најде решение за проблемите со кои се соочиле тогаш, а кои во меѓувреме останале отворени.

Кога во јули беа донесени измените на Изборниот законик, укажува АВМУ, останал нерешен проблемот со недостигот од критериум за постигнувања баланс во известувањето во периодот пред почетокот на изборната кампања. При носењето на измените, не се водело сметка дека критериумот од Законикот кој се однесува на пропорционалност во известувањето според бројот на потврдени листи со кандидати за пратеници (член 75-а) – не може да се примени пред да започне изборната кампања зашто потврдувањето на листите се случува дури непосредно пред нејзиниот почеток. – Оттаму поделбата на периодот не е арбитрарна, ами нужна. Имено, во тој миг Агенцијата се најде пред дилема: да посочи дека нема критериум за првите 80 дена и да дозволи извлекувањето оценки за балансот да биде блокирано или да се потпре на сопственото долгогодишно искуство и знаење и да прилагоди европска регулаторна практика на македонската ситуација. Се одлучивме за втората опција, се вели во соопштението.

АВМУ додава оти тргнале од „Насоките за медиумска анализа во текот на мисиите за набљудување на изборите изработени во 2009 година од страна на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), Директоратот за човекови права и Комисијата за демократија преку правото (Венецијанска комисија) на Советот на Европа и Европската омисија кои, наведува, јасно посочуваат дека во изборни процеси медиумите се соочуваат со следниов проблем: „Претставниците на извршната власт треба да дејствуваат во интерес на целата нација, но, од друга страна, тие редовно претставуваат политичка партија. Овој двоен идентитет станува особено проблематичен во период на изборни кампањи во врска со две права: – Правото на еднакви можности за пристап на кандидатите, право кое треба да биде рамнотежно со слободата и обврската на медиумите да ги покриваат активностите на власта; -Правото на еднаков третман за кандидатите. Вестите поврзани со власта чии претставници се кандидати може некогаш да бидат врамени во позитивно светло поради видот активности кои се покриваат (на пример, официјални состаноци, меѓународни самити итн.)“.

Ваквиот двоен идентитет на политичарите од парламентарното мнозинство – истовремено да се членови на своите партии, но и да извршуваат функции за што мора да бидат одговорни пред граѓаните, наведува АВМУ, е темелот на барањето на европските регулатори – медиумите да обезбедат плурализам во известувањето не преку еднакво време, туку преку пропорционален сооднос меѓу времето за сите активности на партиите од позицијата плус власта и она за активностите на опозицијата.

– Примената на Методологијата од почетокот на годинава покажа дека е неопходно да се утврди критериум  за баланс – во спротивно најмногу што може да се направи е да се даваат оценки за тоа дали се застапени различните гледишта и дали медиумите кон нив имаат еднаков третман (што не е исто со еднакво време). А, за непочитувањето на ваквото професионално начело нема мерка, затоа што е предмет на саморегулација, потенцира Агенцијата.

Посочува дека се согласува оти не постојат големи и мали прекршувања, туку дека има само различни начини на нивно (методолошки засновано) утврдување. Затоа, нагласуваат, неопходно е да се разјасни уште едно недоразбирање во врска со начинот на утврдување прекршок на забраната да се известува за активностите на власта во функција на изборно медиумско претставување на која било партија. И покрај неколкуте обиди да објасниме дека границата од десет прилози за период од десет дена не може да се изедначи со девет простени прекршувања – таквото недоразбирање постојано го слушаме од повеќе страни. Различни прекршувања на Изборниот законик различно се констатираат. За некои – оние кои зависат само од квантитативни показатели, какви што се на пример емитувањето платено политичко рекламирање или кампања од јавен интерес во период кога се забранети – секој поединечен спот значи прекршување и повлекува мерка. Кај балансот и кај известувањето за власта во функција на изборното медиумско претставување работата е поинаква.

За балансот, појаснува Агенцијата, објаснувачкиот меморандум на Препораката Р (2007) 15 на Советот на Европа, за мерките поврзани со медиумското покривање на изборните кампањи јасно утврдува дека „… овој принцип (балансот н.з.) треба да се мери во однос на целиот програмски сервис на радиодифузерот, во текот на определен временски период, а не во секоја одделна емисија. Радиодифузерите треба да обезбедат избалансираност и да ги претставуваат различните политички гледишта во текот на целиот период на кампањата“. За да се докаже прекршокот, потребно е да се собере квантум од неколку часови врз основа на кој ќе се даде квантитативна оценка, како и доволно примери на кои ќе се заснова квалитативната оценка. Затоа, досега најкусиот период за кој Агенцијата извлекувала оценки за балансот во известувањето бил 10 дена. До ова правило се држиме и сега. Впрочем, и самиот Законик говори за период од најмалку седум дена.

За известувањето за активностите на власта, пак, Агенцијата за медиуми вели дека за да се констатира и докаже прекршокот, потребно е да се утврди намера кај радиодифузерот, а за тоа, потребни се и фреквентност на прилозите и серија од квалитативни показатели. Границата од 10 прилози во 10 дена, појаснуваат, е критериумот што го наметна практиката при мониторингот април-мај годинава, кога Агенцијата за вакво прекршување покрена прекршочни постапки против три радиодифузери. Да не беше донесена одлуката за поништување на изборниот процес – ќе поднесеше уште четири.

Во врска со најавите и меѓунајавите АВМУ соопштува дека во усвоената Методологија го појасниле она што при реализирањето на мониторингот секогаш било практика: „Не се анализираат … ниту генералната најава и меѓунајавите. Најавата непосредно пред прилогот (или одјавата зад него) се анализираат како составен дел од прилогот. Доколку најавата, одјавата или меѓунајавата прерасне во прилог самата за себе – таа се анализира како самостоен прилог“.

АВМУ потенцира дека ништо во Методологијата не е случајно, ниту арбитрарно и укажува дека регулаторно тело од држава-членка на Европската Унија побарало од македонската Агенција да одржи работилници за неговите вработени за тоа како се организира и реализира изборниот мониторинг. Поканата дошла по препорака на експерт на меѓународната организација која се занимава со мониторирање на изборни процеси, а ќе се реализира во многу скоро време.

– Се надеваме дека од нашите одговори можете да видите дека Агенцијата, со решенијата што ги понуди во Методологијата, не го крши Изборниот законик. Напротив, со нив се обидуваме преку нашиот професионален капацитет да обезбедиме начини како – и покрај законските недостатоци и недоречености – да се реализира она што во јули го договорија четирите партии. Дозволете сите заедно да видиме како во практиката ќе функционира Методологијата и имајте предвид дека и сега, како и секогаш досега, за секој нов проблем и непредвидена ситуација – ќе изнаоѓаме соодветни решенија, се вели во одговорот од АВМУ, која воедно бара СДСМ и останатите  политички субјекти да не ја вовлекуваат во дневнополитички случувања.

Најчитани вести