АВРМ и „Партнер“ потпишаа Меморандум за соработка

ФОТО: МИА

Агенцијата за вработување на Република Македонија и Агенцијата за привремени вработувања „Партнер“ денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој ги регулираат меѓусебните односи, размената на информации, а на невработените лица на кои ќе им биде понудена работа преку оваа приватна агенција ќе овозможи да им бидат загарантирани истите права како и кога таа ќе им биде понудена од АВРМ.

– Со овој меморандум ги утврдуваме конечните правила на игра меѓу АВРМ и приватната агенција „Партнер“, а во натамошниот период и со другите агенции кои ќе покажат желба да соработуваат со АВРМ да ги користат нашите информации, а воедно да ни даваат и повратни информации колку од невработените одговориле на повикот, колку дошле на разговор, колку добиле работа, колку воопшто не се појавиле на разговор. Во иднина ќе имаме поинтензивна соработка со приватните агенции бидејќи има работни места и сакаме на секој што е заинтересиран да му го истрасираме патот за да си најде соодветно вработувње, истакна при потпишувањето на меморандумот директорот на АВРМ Влатко Поповски.

Поканата од приватните агенции, додаде, е покана и од Агенцијата за вработување на Република Македонија, бидејќи заеднички работиме на пазарот на трудот во обезбедување на поголем број работни места, можности за вработување.

Во моментов во Република Македонија 98.502 лица активно бараат работа односно се водат како активни невработени лица, а 115.407 како други невработени лица, кои се изјасниле дека не бараат работа. Најмногу слободни работни места има за заварувачи, бравари, лимари, стаклари, монтери на гипс картони, возачи, ракувачи на градежни машини, општи градежни работници.