АВРМ на второто место на листата на „тајните клиенти“

Откако Централниот регистар го освои лидерското прво место по услужливост, љубезност и извршување на работните обврски кон клиентите, граѓаните, министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, денеска ја посети и Агенцијата за вработување (АВРМ), која се најде на второто место на оваа анкета.

Ивановски истакна дека, АВРМ е институцијата која најмногу напредувала за оваа година. На минатогодишната анкета оваа институција била на 6-то место во конкуренција од 9 институции, а додека пак, оваа година АВРМ е втора во конкуренција од 11 институции.

Ивановски додаде дека позитивните оценки, најмногу се поради исполнувањето на проектите од акцискиот план.

„Оваа институција покажа најголемо подобрување на анкетата споредено со минатата година. Како идни планови во кои треба да се направат измени за уште подобро функционирање на институцијата се менување на изгледот на објектот во Куманово, намалување на чекањето во Скопје, Битола и Берово. Овој систем со издавање ливчиња за чекање на ред треба да се воспостави во Битола, Штип и Струмица“, рече министерот Ивановски.

Ивановски додаде дека во АВРМ, најлоши резулатати покажале подрачните единици на Куманово, Битола и Струмица, а најдобри резултати покажале подрачните единици во Неготино и Валандово.

Влатко Поповски, директорот на АВРМ, вели дека е запознаен со сотојбата во која се наоѓаат одредени објекти на агенција. Поповски додава дека објектите се градени во 50-те и 60-те години на минатиот век и дека досега не биле реновирани.

Тој најави дека АВРМ преку гранд од Европската Унија ќе реновира 13 подрачни единици, додавајќи дека кратовчани ќе добијат комплетно нов објект до крајот на оваа година.