АВРМ подготвува бесплатни курсеви по плетење, шиење и везење

При денешната посета на студиото „Мис Маргарида“, директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски, најави дека наскоро ќе се распише оглас за блеспталтно плетење, шиење и везење. По завршениот курс, посетителите ќе добијат и сертификат со што им се зголемуваат можностите на пазарот на труд.

Враќањето на занаетчиските гранки во Македонија, беше една од причините поради која, Поповски, денеска го посети студиото „Мис Маргарида“, кое се занимава токму со занаетчиство.

„Студиото „Мис Маргарида“ е отворено пред една ипол година и успехот кој го постигна зад себе за овој краток период ни укажува дека не треба да се губи надежта. Туристите кои ја посетуваат Македонија, сакаат со себе на крај од патувањето да си однесат одреден сувенир. Затоа треба повторно да го заживееме занаетчиството и да се отворат што повеќе бизниси од овој тип“, вели Поповски.

Споственичката  на студиото Валентина Здравевска додава дека не е потребно да го работите она што сте по струка за да бидете успешни. Таа додава дека иако е магистар по правни науки, седум години била под Бирото за вработување. Вели дека прво ги купила машините за работа, а потоа барала да ја обучат за да работи на нив.

Кредитот за самовработување кој го земала од АВРМ и помогнал да го реализира својот сон и да отвори свој бизнис.

„Работите течат сами по себе. Сега извезувам за Австралија, Германија и Словенија, а во преговори сум да извезувам и во Исланд. Во моментов разговарам и со здружението на занаетчии за тоа како можам да земам ИПАРД кредит, со кој ќе можам да отворам мини погон, во кој ќе се вработат на почетокот 10-тина жени кои ќе се обучат и работат на машините“, вели Здравевска.

На крај, оваа успешна сопственичка апелира до сите невработени, да смислат одредена идеја и истата да ја реализираат преку исплатливите кредити на АВРМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.