Австралија: Евакуирани училишта поради лажна тревога

Повеќе училишта во Австралија се затворени денеска поради заканувачки пораки за кои подоцна се утврди дека се лажни.

Австралиската полиција соопшти дека пораките се испратени од странство со намера да се предизвика вознемиреност.

– Нема докази дека станува збор за било што друго освен за измама со што ќе се предизвика непотребна вознемиреност и непријатност. Заканите се пристигнати од странство и нема уверливи докази дека би можеле да бидат спроведени тука, наведува австралиската полиција.

Ова е втор таков случај бидејќи во петокот илјадници ученици се пуштени дома а училиштата се затворени во австралиските држави Нов Јужен Велс и Викторија, исто така поради телефонска закана.

Слични инциденти се случиле и во училишта во Франција, Италија и Велика Британија во текот на изминатата недела.

– Секаде бил истиот план, со повиците да се предизвика прекин на наставата и да се привлече вниманието на медиумите, соопшти денеска полицијата од Нов Јужен Велс.

Полицијата не го потврди бројот на училитата, но медиумите јавуваат дека се работи за осум училишта.

Полицијата во Викторија, каде според медиумите се евакуирани или затворени 20 училишта, соопшти дека планот за итни случаи е применет како мерка за претпазливост.

Медиумите наведуваат дека во Квинсленд се затворени десет училишта, дека полицијата соопштила дека истрагата е во тек и оти нема причини за тревога.

Одговорноста за заканите во француските и британските училишта ги преземал поединец или група што го користи корисничкото име „Одред за евакуација“ на Твитер, на кој како профилна слика се наоѓа фотографија од рускиот претседател Владимир Путин.