Австралија Опен: Ѓоковиќ и Мареј в недела ќе се борат за титулата на АО

Новак Ѓоковиќ е вториот финалист на првиот Гренд слем турнир годинава, Австралија Опен откако утринава го совлада четвртиот носител, Станислас Вавринка.

На главниот терен во Мелбурн се играше врвен тенис кој изобилуваше со многу трчање, убави поени и атракции, а Србинот славеше со 3:2 (7:6, 3:6, 6:4, 4:6, 6:0).

Иако Вавринка во првите четири сета се држеше одлично против првиот светски рекет, сепак во последниот сет, при брејкот на Ѓоковиќ во вториот гем, играта на Швајцарецот комплетно се распадна и до крајот можеше само да гледа како Ѓоковиќ си го трасира патот до уште едно големо финале, каде веќе го чека Британецот Енди Мареј.

Финалето се игра в недела наутро, во 09:30 часот по македонско време. Женското финале пак ќе се игра в сабота наутро, исто така во 09:30 часот, а ќе се сретнат двете најдобри тенисерки во моментов, Серена Вилијамс и Марија Шарапова. Во сабота во 11:00 часот се игра и финалето во двојки, а за титулата ќе се борат италијаните Симоне Болели и Фабио Фоњини против французите Пјер Хуго Херберт и Николас Махут.