Австралија Опен: Ѓоковиќ продолжува со убедливи игри – “падна” Раониќ, следен е Вавринка

Сите очекуваа долга и беспоштедна битка помеѓу Станислас Вавринка и Кеи Нишикори, но Швајцарецот во три сета, полесно од очекувањата го реши натпреварот во своја корист.

Бранителот на титулата славеше со 3:0 (6:3, 6:4, 7:6) и во полуфиналето ќе игра против првиот светски рекет, Новак Ѓоковиќ.

Србинот продолжува со доминантните игри на турнирот, што впрочем се гледа и од фактот дека досега нема загубено ниту еден сет. Тој утринава славеше против еден од најдобрите сервери на денешницата, Милош Раониќ со 3:0 (7:6, 6:4, 6:2) и го заокружи полуфиналниот квартет.

Фановите на женскиот дел од турнирот нема да имаат прилика да гледаат сестринско полуфинале, откако Венус Вилијамс го загуби четвртфиналниот дуел против Медисон Кис.

Американската тинејџерка победи со 2:1 (6:3, 4:6, 6:4), а мора да се напомене и дека во вториот сет Кис се повреди, но се реши да го доигра мечот, што на крајот се покажа како одлична одлука, бидејќи и донесе полуфинале на Австралија Опен и можност да се надигрува и со другата од сестрите Вилијамс, Серена.

Првата носителка на турнирот пак немаше никакви проблеми во четвртфиналето и со 2:0 (6:2, 6:2) ја совлада Доминика Цибулкова од Словачка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.