Австралија под притисок да го признае уставното име на Македонија

Влијателниот австралиски дневеник весник Сиднеј морнинг хералд објави анализа за засилениот притисок врз Австралија конечно да ја признае Македонија под уставното име, кој дојде откако неколкумина пратеници, од двете водечки партии во земјата, го поставија ова барање во Парламентот, пренесе МИА.

“Изразот БЈР Македонија се користи од страна на повеќе европски држави и во меѓународните спортски организации. Но, Британија, Канада и САД решија и официјално го отфрлат зборот ‘југословенска’ во своите дипломатски односи со Скопје и покрај грчките позиции. Австралиската Влада, пак, вели дека нејзината ‘привремена’ употреба на референцата БЈРМ ќе продолжи се додека Скопје и Атина не најдат решение на спорот. Не е за верување дека наскоро ќе има излез од овој ќорсокак”, пишува Даниел Флитон, известувач на Сиднеј морнинг хералд.

Повод за ваквата анализа се неодамнешните повици на пратениците Лук Симпкинс и Алана Мектиернан, кои побараа од Владата на австралискиот премиер Тони Абот да почне да го користи уставното име на Република Македонија.

И покрај притисокот од страна на македонската заедница во Австалија која се чувствува лично навредена, министерката за надворешни работи на Австалија, Џулија Бишоп, на почетокот на март информираше дека Владата ќе остане на ставот  да ја користи временската референца во односите со Македонија.

Сепак, во текстот на весникот се додава дека грчкиот амбасадор во Австалија и грчката заедница вршат притисок врз политичарите да остане сегашниот начин на именување на Македонија.

Истовремено, весникот  забележува дека и по две децении по осамостојувањето, Македонија е заглавена во нерешлив спор со Грција околу името, за разлика од останатите поранешни југословенски членки кои имаат имиња „какви што самите одбрале“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.