Австралија погодена од циклонот „Марсија“

Жителите на австралиската сојузна држава Квинсленд се подготвуваат за ударот на циклонот „Марсија“, што се очекува да биде најсилниот во изминатите 25 години, јави ТАСС, пренесе МИА.

Кон средината на неделата циклонот беше во најниска, прва категорија, но со приближувањето кон густо населените источни брегови на Австралија, добиваше на сила и пред неколку часа беше зголемен до највисока, петта категорија. Брзината на ветерот во центарот на циклонот достигнува 285 километри на час.

„Марсија“ се приближува кон брегот во регионот на заливот Шоулоутр, северно од градот Јепон со население од околу 16.000 лица, соопшти на „Твитер“ метеоролошката служба на Квинсленд.

Според синоптичарите се очекуваат поројни дождови, проследени со поплави, силни и високи бранови и брзина на ветерот до 295 километри на час.

Властите на Квинсленд објавија дека луѓето околу Јепон и неговото крајбрежје се евакуирани и дека во локалните болници е активиран план за итни ситуации.

Северното крајбрежје на Австралија денеска, исто така, беше зафатено од циклонот „Лам“, од 4. категорија. Овој дел од континентот е слабо населен и засега нема информации за евентуални жртви и повредени.

фото:telegraph.co.uk