Австралиска компанија заинтересирана за инвестиции во зоната кај Прилеп

Австралиска компанија за изградба на патишта заинтересирана за капацитет во економската зона Алинци кај Прилеп, објави денеска МРТ.

Со изградбата на објект во економската зона кај Прилеп компанијата очекува етаблирање на европско тло. Претставници на македонската дијаспора од Австралија сесрдно ги објасниле поволностите што ги нуди дравата за инвестирање.

– Со „Глобал роуд технолоџи“ гледам локации каде да се гради таа фирма. Меѓу Битола и прилеп е најдобра локација. Моментално градат во Англија и Холандија и сакаат да отворат фабрика во Европа за да не се носи производот од Австралија што зема 45 дена со брод, вели Пеце Ристески, заменик градоначалник, Ливерпул, Сиднеј.

„Глобал роуд технолоџи“ има свои фабрики на сите континенти. Присутни се во Индија, Бразил, Америка. Сега ја освојуваат Европа. Ако се стационираат во Македонија, ќе има вработувања од локалното население.

– Ако се отвори, да речеме во Србија за изградба на патишта зашто гледаат да градат низ цел балкан ќе има повеќе вработувања: сто, двесте, четиристотини, па и илјада. Сакаме да ја преместиме администрацијата од цел свет да биде во Македонија, вели Пеце Ристески.

Првичните разговори се направени во Македонија. Бенефитите се неспорни.

– Доколку она што го размислуваат го спроведат во Македонија, ќе има голем бенефит и за државата и за нив како компанија“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Државата е во офанзива подолго време да ги активира економските зони во земјава.

„Ние сме фокусирани на тоа. Не зборуваме многу, но работиме на тоа и верувам дека ќе имаме позитивен исход во иднина“, нагласува Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Технолошко развојната економска зона кај Алинци е на 100 хектари. Државата има обврска да ја изгради инфраструктурата.

Развојно- технолошката зона кај Прилеп се подготвува. Ги чека инвеститорите. Дали австралиската компанија за патишта ќе биде меѓу првите?

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.