Австралиска пратеничка се судри со грчкото лоби околу историјата на Македонија

Австралиската пратеничка Алана Мектиернан, позната како поддржувачка на македонската заедница и на барањето Австралија да ја признае Македонија под уставното име, одговори на критиките упатени од грчки политичари кои од неа бараа да го прифати грчкото толкување на историјата на Блаканот, пренесува МИА.

Мектиернан во својот одговор реагира на аргументите на грчките политичари од нејзината Лабуристичка партија, кои инсистирале дека денешните Грци се единствените вистински и чистокрвни наследници на древните Македонци.

„Од историјата не е јасно дали древните Македонци може да се опишат како Грци. Според класичните историчари, Македонците ги поразиле Грците и ги обединиле во едно кралство, кое потоа било еленизирано. Културна победа на поразените над победниците не е необична. Викинзите ја освоија Ирска, за потоа бргу да ја прифатат келтската култура. Точно е дека првично кралството Македонија било на мала територија која денес е во Грција, но денешна Република Македонија била освоена од Филип во исто време кога ги освоил и грчките државички, што значи дека била дел од Македонија 2000 години. И по доаѓањето на Римјаните, територијата која денес е во Република Македонија била дел од провинцијата Македонија. И по словенските инвазии, областа се уште била нарекувана Македонија до раниот среден век. Византискиот император Василиј Први се декларирал како Македонец, а македонскиот национализам е препознатлив и низ 19 век“, пишува Мектиернан во деталниот одговор на историските аргументи упатени кон неа од страна на грчката заедница во Австралија.

Инаку, пратеничката го навлече гневот на грчкото лоби по нејзиниот повик до Владата на Тони Абот да ја признае Македонија под уставното име, прашање околу кое со години спорат македонската и грчката заедница во Австралија.

„Според моето мислење, изборот на името Македонија од страна на Репубика Македонија не е направен случајно, и јасно е дека има историски врски со разните фази на политичкиот ентитет познат како Македонија. Исто така би било интересно да слушнеме зошто мислите дека генетскиот состав на оваа област би одговарал на денешните гео-политички граници. Јасно е дека освојувачките групи се мешале со домашното население, па дури и дека Александар Македонски ги поттикнувал своите војници да го прават тоа. И Готите и Словените се мешале со Македонците и со Грците и, според моето мислење, генетските карактеристики на грчките Македонци и на Македонците од Републиката се веројатно многу слични“, додава пратеничката Мектиернан.