Австралиската полиција најде седум мртви, од кои четири деца

Австралиската полиција пронашла во петокот седум мртви, вклучително и четири деца, во рурален град во лозарската област Маргарет Ривер, а на местото на настанот е најдено и огнено оружје, по постојат сомневања за повеќекратно убиство.

Телата на четирите деца и трите возрасни лица се пронајдени во близина на имот во Озмингтон, близу југозападниот врв на Австралија, соопшти полицискиот началник на Западна Австралија, Крис Доусон на прес-конференција.

Додаде дека на местото на настанот е откриено огнено оружје. Ситуацијата ја опиша како страшна и рече дека во моментов не постојат информации коишто треба да ја загрижат пошироката јавна безбедност.

Злосторствата од огнено оружје во Австралија се во пад, откако се воведени построги контроли како одговор на масовното убиство во 1996 годна кога вооружен напаѓач смртно застрела 35 луѓе во Тасманија.

Овој случај ја поттикна австралиската влада да заплени милиони парчиња огнено оружје и да го отежни купувањето на ново. Австралија ги забрани сите видови полуавтоматски пушки и сите полуавтоматски пиштоли, и има рестриктивен систем за лиценцирање и контрола на поседувањето оружје.

Полицијата соопшти дека направила пребарувањето на споменатиот имот откако добила телефонски повик. Меѓутоа, Доусон пред новинарите не сакал да го коментира идентитетот на дојавувачот.

Иако и по споменатиот масакр во Порт Артур, во Австралија се регистрирани повеќе масовни убиства, ова убиство во Озмингтон може да биде најголемо злосторство со употреба на огнено оружје од 1996 година.