Австралиски војници со нацистичко знаме во Авганистан

Австралиската армија е под истрага за воени злосторства, а војниците носеле и нацистичко знаме, објавија медиумите о Австралија. По реакции на јавноста, австралискиот премиер Малколм Турнбул кажа дека војникот кој поставил знаме со нацистичка свастика на борбено возило во Авганистан во 2007 година, погрешил и е казнет навреме.

Знамето било закачено на воен џип за време на патрола во Авганистан во 2007 година, а фотографијата ја објавил австралискиот јавен сервис АБЦ.

Знамето е отстрането, а службеникот вмешан во инцидентот е дисциплински казнет. Тоа било погрешно и командантите го казниле навреме, рекол Турнбул.

Австралија како сојузник на САД имала трупи во Авганистан 17 години, кои се бореле против талибанците и другите исламски екстремисти. Во 2007, кога се случил инцидентот, биле распоредени околу 900 австралиски војници.
Епизодата е објавена токму во време кога се зборува за многу контроверзното однесување на австралиските војници во Авганистан, каде сѐ уште ги има околу 300. Елитните австралиски единици се обвинети за воени злосторства во таен документ до кој месецов дојдоа австралиските медиуми. За обвинувањата е отворена истрага.