Австралискиот пратеник Симпкинс со осуда за обидите за дестабилизација на Македонија

Австралискиот пратеник и постојан поддржувач на Република Македонија во австралискиот Парламент Лук Симпкинс имаше свое обраќање во врска со терористичкиот инцидент во Куманово во кое оцени дека Македонија се справила со обид за дестабилизација од страна на вооружена група од Косово. Со цел да се спречат идни сепаратистички движења во регионот, Симпкинс побара НАТО и Европската Унија да ја примат Република Македонија, пренесува МИА.

– Група од 44 косовски албански терористи префрлија оружје и експлозив во куќи во Куманово планирајќи да ја дестабилизираат Репулбика Македонија, напаѓајќи трговски центри и јавни објекти. Планот на терористите беше да се нападне и дестабилизира и албанската партија која е дел од Владата на Република Македонија. Многумина од нив биле муџахедини, ветерани на борбите во Сирија и Ирак. По враќањето на телата на убиените во Косово, тие беа погребани со државни почести, како маченици. Ова е навистина загрижувачки след на настани. Низ годините имало повеќе обиди на албански сепаратисти да ја дестабилизираат Македонија, а Балканот, за жал, има долга историја на нестабилност и менување на границите. Сметам дека бевме сведоци на уште еден обид за менување на граници, за преземање на територија и за дестабилизирање на Балканот, изјави Симпкинс во австралискиот Парламент.

Во своето обраќање, пратеникот додаде дека решение на ваквите предизвици е прием на Македонија во НАТО и во Европскaта Унија. Австралискиот пратеник оценува дека Македонија презема позитивни чекори, како што беше состанокот на Советот за национална безбедност на претседателот, при што беа поканети и претставници на политичките партии, но дека е неопходно да се добие потребната поддршка од НАТО и од Европската Унија.

– Приемот на Македонија во овие две организации ќе ги замолкне овие сепаратистички движења кои се одговорни за нестабилноста во регионот. Би сакал дополнително да и честитам на полицијата на Република Макеоднија за нивната посветена работа за зачувување на стабилноста во на нивната земја и националната безбедност, при што загубија и осуммина од нивните соборци, изјави Симпкинс.