Македонија

Австралиските Грци реагираат на најавата за меѓународна конференција за македонски прашања во Лерин

Австралиските Грци реагираат на најавата за меѓународна конференција за македонски прашања во Лерин

Австралиско-македонскиот комитет за човекови права (АМХРЦ), соопшти дека во јули во Лерин ќе организира меѓународна научна конференција за македонски прашања, што предизвика бурни реакции особено кај Грците кои живеат во Австралија, пренесува МИА.

Во соопштението на АМХРЦ се вели дека конференцијата ја организира заедно со политичката партија на македонското малцинство во Грција „Виножито“ и Европската слободна алијанса од Брисел,со цел „да се направи значителен придонес за разбирањето на македонската современа историја, од различни перспективи, вклучувајќи социолошки, јазични, антрополошки и политички“.

Весникот на австралиските Грци „Неос Космос“,  повикувајќи се на „водечки грчки австралиски коментатори“  коментира дека настанот „ќе разгори тензии, ќе поттикне регионална нестабилност“ и оти е „политички трик“.

Професорот Анастасиос Тамис за „Неос Космос“ изјавил дека настанот „ќе ги разгори веќе напнатите тензии во регионот и ќе поттикне нестабилност“. Тој додал дека конференцијата ќе биде „политички мотивиран собир на екстремни националисти, чија цел е да прикажат дека Македонија не е само географски регион – каде што различни етнички заедници живеат стотици години – споделувајќи заеднички културни концепти и религиски перцепции, туку земја на новиот етникум на Балканот, а тоа се ‘Македонци’“.

–  Конференцијата е свикана во Флорина (Лерин), Грција, само за да се негираат тврдењата на Грците за Македонија и да се генерираат болни тензии, рекол грчкиот професор.

Инаку АМХРЦ потсетува дека во 2013 година организира слична конференција во Универзитетот Монаш во Мелбурн, по повод одбележувањето на 100-годишнината од крајот на Втората балканска војна и поделбата на Македонија. Како резултат на таа конференција, подоцна оваа година, академски издавачка куќа ќе ги објави документите од конференцијата во книгата „За македонските работи: Од поделбата на Македонија во 1913 година до денес“, чии уредници се професорот Виктор Фридман и д-р Џим Хлавач.

– Со оглед на успехот на првата конференција, АМХРЦ во соработка со научници кои учествуваа на претходната конференција, одлучи да свика втора и во некоја смисла, историска конференција во Лерин, која ќе се одржи од 16 до 19 јули 2015 година. Конференцијата ќе кулминира со „Илинден“ – годишен македонски културен фестивал во селото Овчарени (Мелити на грчки), Леринско“, се вели во најавата за настанот и се додава дека на конференцијата ќе учествуваат и голем број на други значајни меѓународни гости, вклучувајќи и членови на Европскиот парламент.