Австрија бара да не се употребува нуклеарно оружје

Австрија повика на забрана на нуклеарно оружје поради неговиот катастрофален ефект за време на конференцијата за неширење на нуклеарното вооружување, во седиштето на ОН.

Ваквата иницијатива наиде на поддршка од 159 земји.

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, на конференцијата во Њујорк истакна дека „единствена гаранција нуклеарното оружје веќе никогаш да да не биде користено е неговата тотална елиминација“, пренесе Танјуг.

Курц овој став на својата земја го изнесе пред претставниците на 191 држава потписнички на Спогодбата за неширење на нуклеарното вооружување (НПТ) од 1970 година, нагласувајќи дека сите земји во светот ја споделуваат одговорноста за спречување на ширењето на нуклеарното оружје.

Австриската иницијатива, сепак, нема поддршка меѓу државите потписнички на НПТ кои поседуваат нуклеарно оружје – постојаните членки на Советот за безбедност на ОН кои имаат право на вето (САД, Велика Британији, Франција, Русија и Кина) и меѓу државите од НАТО – кои обезбедуваат некој вид безбедносен „нуклеарен чадор“ за своите членки.

Пет постојани членки на Советот за безбедност и нуклеарни сили го потпишаа НПТ, иако во него се повикуваат да го намалат, а еден ден и да го елиминираат својот нуклеарен арсенал.

Земјите кои не се нуклеарни сили тврдат дека во изминатиот период имало премалку чекори во правец на нуклеарно разоружување.

Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамад Џавад Зариф, побара од земјите кои поседуваат нуклеарно оружје да се откажат од плановите за модернизација на својот арсенал.

Четири земји, за кои се претпоставува дека располагаат со нуклеарно оружје – Израел, Пакистан, Индија и Северна Кореја, не се на листата на земји поддржувачи на австриската иницијатива.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.