Австрија близу до исполнување на квотата за бегалци

Бројот на барателите за азил во Австрија ја надмина оваа година бројката од 20 илјади, со што наскоро ќе ја достигне горната граница од 37.500, колку што австриската Влада утврдила за оваа година.

Според Министерството за внатрешни работи бројката од 20 илјади баратели на азил е надмината и секоја недела нивната бројка се зголемува за 800 до 900 лица. Тоа значи дека пред крајот на годината ќе биде надмината горната граница.

Виенскиот весник „Стандард“ пишува дека Владата почнала преговори за донесување итна уредба, која предвидува поостри мерки во однос на Законот за азил, усвоен кон крајот на април. Таа уредба треба да го спречи пречекорувањето на горната граница за прием на молби за добивање азил.