Австрија депортирала стотици мигранти што лажеле за националноста

Австриската полиција депортирала стотици мигранти од земјата затоа што лажеле за нивната националност. Властите во земјата што се наоѓа на Балканската рута од Грција до Западна Европа ја откриле измамата поради тоа што мигрантите не знаеле да го говорат јазикот на земјите од каде рекле дека потекнуваат, јавува „Дејли Експрес“.

Преведувачите во провинцијата Каринтија, која граничи со Словенија, велат дека забележале голем пораст на бројот на луѓе што се обидувале да излажат за начинот на кој пристигнале, како и за земјата од која потекнуваат.

Властите не кажуваат точен број, но потврдуваат дека околу 100 лица дневно, односно 3 отсто од вкупниот број на пристигнати лица се враќаат назад.

Се сомневаме дека некои се обидуваат да ја искористат ситуацијата, знаејќи дека ќе имаат многу мала шанса за да добијат азил во Австрија и Германија, вели портпаролот на полицијата.

Тој не посочува кои националности најчесто ги „присвојуваат“ мигрантите, или од каде потекнуваат истите.

Сепак општо познато е дека бегалците од Сирија имаат похуман третман и дека во моментов е во пораст фалсификувањето на сириските пасоши во турските пристанишни градови од каде најесто мигрантите се упатуваат кон ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.