Австрија и Унгарија сакаат да градат мостови меѓу истокот и западот на ЕУ

Австрискиот канцелар Себастијан Курц во вторникот на заедничката прес-конференција со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Виена изјави дека сака „да гради мостови“ коишто би овозможиле да се смират тензиите меѓу истокот и западот во Европската унија.

„Во последните неколку години забележувам сѐ поголеми напнатости во рамките на Европската унија, особено кога станува збор за миграциската криза. Во тој контекст, амбициозниот проект на Австрија е да се обиде да изгради мостови со земјите на Вишеградската група“, изјави австрискиот канцелар Себастијан Курц пред новинарите во Виена.

Курц алудираше на тоа што последните неколку години зачестија и се зголемија спорните теми меѓу Европската комисија и поранешните комунистички источни земји членки на ЕУ од Вишеградската група, којашто ја сочинуваат Унгарија, Словачка, Чешка и Полска. Различниот пристап кон миграциската политика на ЕУ и прашањата на правната држава во Унгарија и Полска, повеќепати резултираа со несогласување со Брисел.

„Во интерес на сите нас е да работиме заедно за да ги намалите тензиите на европско ниво, а Австрија сака и може да придонесе за тоа“, истакна Курц.

„Австрија нѐ разбира, Австрија ги сфаќа земјите од Вишеградската група, Австрија ја сфаќа западна Европа и благодарен сум му на канцеларот на подготвеноста да се ангажира на градењето мостови“, со земјите од Вишеградската група, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан кој на парламентарните избори на 8-ми април има намера да го освои третиот последователен мандат.

Канцеларот Курц ја доведе своите конзервативците до победата на парламентарните избори во октомври, а потоа постигна коалициски договор со евроскептичка и противдоселеничка Слободарска партија во декември, со што Австрија стана единствена западноевропска земја која има крајна десница во владата.

Курц во својата предизборна кампања зазема цврст став околу имиграцијата, со што ја сочува предноста пред „слободарците“, откако Австрија во 2015 година прими над двесте илјади баратели на азил. Многумина од нив пристигнаа од Унгарија, сѐ додека тамошната влада на Орбан не подигна ограда од жица на границата со Србија.

Челникот на Слободарска партија (FPÖе), Хајнц-Кристијан Страхе, сега вицеканцелар, изјави дека Австрија би требало да се оттргне од своите традиционални западни сојузници, како што Германија и да ѝ се приближи на Вишеградската група на источноевропските земји.

Курц потроши многу време и енергија во уверувањето на сојузниците во ЕУ и јавноста дека ќе остане проевропска, но се согласува со Вишеградската група дека ЕУ би требало да престане да ги терат земјите членки да ги прифатат задолжителните квоти за прифаќање на имигрантите. Меѓутоа, го поддржа мерките на Европската комисија против Полска поради прашањето на правната држава и демократските принципи.