Австрија со информативна кампања ќе се обиде да го намали приливот на бегалци

Авганистанците бегалци кои не добиле азил ќе се вратат во својата држава
Авганистанците бегалци кои не добиле азил ќе се вратат во својата држава

Со информативна кампања во странство Австрија ќе се обиде да го намали бројот на мигрантите. Министерството за внатрешни работи ќе ја води кампањата преку интернет, телевизија, весници, па дури и во автобуси.

Кампањата „Австриските закони за признавање на бегалски статус се веќе построги“ ќе има за цел да ги одврати од намерата оние кои сакаат да дојдат во Австрија, пишува МИА.

Таа ќе започне во Авганистан, бидејќи минатата година оттаму пристигна најбројната група мигранти до Австрија. Од пристигнатите 25.000 лица само 189 се вратиле во Авганистан, а 45 отсто добија статус на бегалци.

Посебен акцент се става на телевизиската кампања, бидејќи во Авганистан многу луѓе не знаат да читаат. Како што јави БТА, ќе се искористат и можностите на социјалните мрежи, а ќе се објават и огласи во весниците и во електронските изданија и ќе бидат залепени плакати во петте најголеми градови во Авганистан. Во Кабул ќе бидат облепени дури и градските автобуси.

Благодарение на ниските цени за рекламирање во Авганистан, кампањата ќе ја чини Австрија само 10.000 евра. Авганистан е прва земја од информативната офанзива, а планирано е во следните недели таа да се прошири и во Тунис, Мароко и Алжир.