Австрија отвора нов конзулат во Битола

Градот со конзулска традиција ќе добие уште еден конзулат. Денеска, на официјалната посета на општина Битола, амбасадорот на Република Австрија го најави отворањето на австрискиот конзулат во Битола кој ќе овозможи интензивирање на соработката помеѓу Битола и Виена, а градоначалникот Талески потврди дека тоа ќе претставува голема предност за нашата општина.

„Во идниот период ќе ја интензивираме заедничката соработка со Австрија и посебно со општината од Виена со која што сме збратимени, така што со посредување на амбасадорот и нашиот почесен конзул ќе ги обновиме сите контакти со Виена. Ова е голема придобивка затоа што во новото време кога веќе се создаваат услови за поголеми инвестиции во Република Македонија, а Австрија води една интересна улога, убеден сум дека ќе изнајдеме начин и за уште поголема соработка за што госпоѓата Илиева ни стои на располагање. Со овој настан се интензивира и се надградува веќе познатата историја на Битола конзулски град и тоа максимално го заживуваме и поддржуваме“, изјави градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.

Новиот конзул веќе ги најави можностите за поголема соработка помеѓу двете држави, нагласувајќи го значењето за економскиот и научниот напредок.

„Ова е огромна чест за мене. Долгогодишната соработка со амбасадата на Република Австрија во Република Македонија, со првиот амбасадор и со сегашниот, сите манифестации кои што досега ги организиравме вродија еден многу убав плод – нашата општина се здоби со уште еден конзулат којшто верувам дека ќе претставува еден мост помеѓу Виена, Битола и Австрија и нашите сограѓани ќе имаат можност да соработуваат на сите полиња: како на научно, така и на економско поле да соработуваат со граѓаните на Република Австрија“, изјави Валентина Илиева,почесен конзул на Австрија во Република Македонија, односно во Битола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.