Австрија се одлучи за Ван дер Белен на претседателските избори

Кандидатот на десничарската Партија на слободата Норберт Хофер призна пораз на претседателските избори во Австрија и му честиташе на противкандидатот за успехот.

– Почитувани пријатели, во благодарам за поддршката, но не успеавме. Го поздравувам Александер Ван дер Белен за успехот и ги повикувам сите Австријци да останат солидарни и да работат заедно, напиша Хофер на Фејсбук.

Првите прелиминарни резултати врз основа на 60 отсто преброени гласови укажуваат дека на денешните претседателски избори во Австрија победил Александер Ван дер Белен, кандидат кој го поддржуваат Зелените.

Според резултатите, Ван дер Белен освоил 53,6 отсто гласови, а кандидатот на десничарската Слободарска партија, Норберт Хофер – 46,4 отсто.

Во првиот круг одржан на 24 април кандидатот на Слободарската партија на Австрија, Норберт Хофер беше прв со 35,1 отсто гласови, а независниот кандидат Александар ван дер Белен втор со 21,3 отсто гласови.

Во вториот круг одржан во крајот на мај победи Ван дер Белен благодарение на гласовите пристигнати по пошта, со 50,3 отсто, а Хофер освои 49,7 отсто гласови.

Повторувањето на вториот круг требаше да се одржи на 2 октомври, но две недели пред гласањето беше регистрирано дека постои проблем со изборниот материјал. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.