Австрија: Со санкциите кон Русија градме нов ѕид и ја сечеме гранката на која седиме

Австрискиот канцелар Вернер Фајман се спротивставил на санкциите на ЕУ против Русија, порачувајќи дека „ЕУ не е НАТО во цивилна облека“, и најавил дека Австрија ќе поднесе тужба во Европскиот суд поради трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, пренесува Ројтерс.

 „Концерните се веќе доволно моќни и не треба да им се дава сета моќ“, истакнал тој во интервју за виенскиот весник Кронен цајтунг.
„Предолго гледавме на страна додека концерните на глобално ниво воспоставуваа сопствен свет, како и даночни дупки. Тој го одведе овој свет до крахот во 2008. Спротивно е на демократската етика на земјите како Австрија сега да им се создадат уште и специјален суд и специјално право на тужба“, истакнал Фајман, подвлекувајќи дека е уверен дека САД како правна држава е доволно силна да се откаже од таквите специјални судски процеси.

Фајман сега планира на ниво на ЕУ да најде сојузници со кои „би ги заштитил социјалните и еколошките стандарди на Европа. Австрија ако треба сама ќе пружи отпор, па дури и до Европскиот суд“, најавил тој.

За Украина, Фајман кажал дека не ја поддржува политиката на санкции на колегите од ЕУ и смета дека не би требало Киев да влезе во НАТО, бидејќи тоа само би ја продлабочило кризата. Според него, воена интервенција не би обезбедила безбедност во Украина.

Австрискиот канцелар побарал поголемо заложување на ЕУ околу обезбедувањето на правата на малцинствата. „ЕУ не е продолжена рака на НАТО, односно не е НАТО во цивилна облека“, заклучил тој.

„Не можам да ја поддржам еуфоријата на многумина во ЕУ за успехот на санкциите против Русија. Не гледам причина за славење и не знам зошто би требало да се радуваме на пропаста на руското стопанство. Ја сечеме гранката на која седиме и ние ако кон рускато стопанство изградиме нов ѕид“, предупредил Фајман.

Санкциите, според него, биле одбранбен чекор и поради тоа биле исправни, но целта не смее да биде понатамошно заострување на санкциите.

 Фајман пренел дека неодамна му телефонирал на рускиот претседател Владимир Путин и во разговорот му предложил мировни преговори.

„Мораме следната година засилено да ја користиме нашата неутрална улога и да се залагаме за мировни преговори“, порачал тој.