Австрија: Во прифатилиште за азиланти, уапсени џихадисти

Двајца браќа од Сирија се уапсени во прифатилиште за азиланти во австриската покраина Штајерска поради сомнение дека се членови на терористичка организација, пренесува Танјуг повикувајќи се на австриските медиуми.

Врз основа на добиените информации од Германија австриската полиција уапсила две момчиња на возраст од 16 и 18 години во прифатниот центар Каритас во Лебринг.

Повозрасниот брат се сомничи дека бил член на исламско – џихадистичката организација Ахрар ал Шам и дека војувал на нивна страна.

Помладиот бил „полицаец на шеријатот“ за време на граѓанската војна во Сирија и тој, според обвинението, заедно со брат му учествувал во воени дејствија на аеродром во Сирија.

Инаку двајцата браќа во Австрија поднеле молба за добивање азил. За време на сослушувањето тие го признале делото за кое се товарат, а меѓу другото и за обид за убиство.

Третиот брат на двајцата уапсени во Австрија е обвинет во Германија поради членство во Исламска Држава.